Антикорупциската комисија ги отфрли приговорите на Левица и СДСМ. Димитар Апасиев ја пријави независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска дека без официјално потпишан договор со ВМРО ДПМНЕ, незаконски го користела просторот и средствата за рекламирање на партијата. ДКСК по проверките заклучила дека Арсовска немала обврска да има писмен договор за отстапување на медиумски простор но и дека тоа и овозможило фаворизирање. Според Нури Бајрами целиот случај ги потврдил слабостите на законите за што најави дека ќе спроведат проверка.
СДСМ пак пред Антикорупциската Комисија го оспори рекламирањето на својот некогашен член и актуелен градоначалник на Куманово Максим Димитриевски. Партијата поднела приговор наведувајќи дека Димитриевски добил повеќе рекламни паноа и билборди отколку што му следува. Општина Куманово пак одговорила дека им останале неискористени билборди, па оттаму останатите кандидати за градоначалник меѓу кои и независните како Димитриевски имале право да ги искористат. Антикорупциска, иако го отфрли приговорот, дојде до заклучок дека во Изборниот законик нема критериуми за распределба на неискористениот рекламен простор. Претседателката на Комисијата Ивановска законите ја отежнуваат регулацијата на рекламирањето.
За сите слабости кои ги констатираат Антикорупционерите најавија дека ќе спроведат антикорупциска проверка, а своите заклучоци ќе ги наведат во посебниот извештај кој по изборите ќе го достават до Собранието.





