Иако најавен, првиот голман на фудбалската репрезентација на Германија, Мануел Ноер, сепак, поради повреда нема да брани против Македонија в понеделник од 20:45 часот во Скопје во реваншот од квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар.



Неговото место на голот повторно ќе го заземе Марк-Андре тер Штеген од Барселона, кој ја чуваше мрежата и во првиот меѓусебен дуел во Дуизбург, кога беше совладан од Горан Пандев и од Елиф Елмас во историскиот триумф од 2:1 на „црвено-жолтите“.

Селекторот на „панцерите“ Ханси Флик дополнително го повика голманот на Хамбургер, Даниел Хоер Фернандес, а шанса ќе чека Бенд Лено.

И Германија, и Македонија, имаа успешна увертира за втората меѓусебна средба воопшто – Германците синоќа ја совладаа Романија со 2:1 во Хамбург, а избраниците на селекторот Благоја Милевски го декласираа Лихтенштајн со 4:0 во Вадуц.

Три круга до крајот на квалификациите четирикратниот светски првак е лидер во групата Ј со 18 бода, а веднаш зад него е Македонија со 12, колку што има и Ерменија, Романија е четврта со 10, по неа Исланд со 5 и на дното Лихтенштајн со 1.