Синот на Муса Џафери признал дека го удрил и го влечел Бислимоски

Аријанит Џафери, кој синоќа физички го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, доби кривична пријава за насилство, соопшти Министерството за внатрешни работи.



„Во врска со случајот кој синоќа, околу полноќ, во СВР Скопје го пријави М.Б. (45) од Скопје дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ.(28) од Скопје, ја известуваме јавноста дека случајот е целосно расчистен и против А.Џ. ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од Кривичниот законик. Веднаш по пријавувањето на настанот, преземени се соодветни мерки за расчистување, односно изготвено е писмено известување до ОЈО Скопје, извршени се разговори со сведоци на настанот, обезбедена е видео снимка, извршен е разговор со пријавениот А.Џ., кој во целост го призна делото, и по консултација со јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ“, се наведува во соопштението од МВР.

Синот на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, неколкупати го удрил и влечел претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски пред едно кафуле, а нападот го прекинала придружбата на Џафери.