„Алтернатива“: „ДУИ почна со одмазда кон кандидатите за советници од опозициската коалиција“

Албанската опозициска партија „Алтернатива“ денеска ја обвини Демократската унија за интеграција дека „започнала со одмазда кон кандидатите за советници од редовите на коалицијата на Алтернатива и Алијансата на Албанците“. „Алтернатива“ реагираше во своето соопштение дека „Јавното сообраќајно претпријатие Скопје го исклучило од работа Џелал Хајдари – кандидат за советник во Советот на општина Чаир, вработен со договор“.



Во своето соопштение оваа партија тврди: „Немајќи друго објаснување, констатираме дека ова е ниска политичка одмазда на ДУИ, кои се водени од ниски мотиви и од страв поради губењето на локалните избори. Да исклучиш некого од работа само затоа што е на листата на кандидати за советници на друга политичка партија, иако тој кандидат не член ниту партиски активист на ниедна партија од коалициите, тоа можат да го направат само оние што мамат со договорите и кои крадат со лопати.“

„Алтернатива“ им порачува на „интегристите“ дека „не се плаши од нив, ниту се предава“, дополнувајќи во своето соопштение: „Запрете со вашата одмазда, знајте оти треба да продолжиме да живееме заеднички во оваа средина, во Чаир, и по 17 октомври, откако ќе завршат локалните избори. Ние сакаме да воспоставиме нови стандарди на локалната самоуправа и ви ветуваме дека нашето доаѓање на власт ќе значи и запирање на одмаздата и наместо неа соработка и комуникација со другите, без оглед на политичката, етничката и религиозната припадност.“