Одговор за Заев од Мицкоски и Села: Во декември веќе нема да бидеш премиер

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Радовиш му порача на премиерот Заев дека се залага за исчистена Македонија од криминалци и измамници како оние кои сега се на власт.



„Од овие локални избори зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија, изборот е едноставен на овие избори или ќе продолжи корупцијата, криминалот, хаосот, немањето правда, стагнацијата на државата, експериментите во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделците, предавствата или ќе создадеме сите заедно една нова, поинаква, различна и подобра иднина“, истакна Мицкоски.

Коментирајќи ги изјавите на премиерот дека коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива нема да има долг век, Мицкоски рече:„Го слушам Заев како вели дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се распаднела, како ќе имало развод на бракот и што ли уште не. За разлика од него јас нема да навлегувам во брачниот статус на неговата коалиција затоа што според неговата логика тој веќе се раздели со многу партнери од коалицијата, Либерално-демократската партија, ДОМ, БЕСА, делумно и со ДУИ, кај и да е после изборите ќе му ја свират онаа песната, се сеќавате „Побегуља“ од Зона Замфирова, кај и да е Зоне ќе му избега, а оној Мане кујунџијата и оној негов Манулач усвет има да фатат“, рече Мицкоски во Радовиш.

Во меѓувреме одговарајќи на вчерашната изјава на Заев за партнерството меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива, и Зијадин Села претседателот на Алијансата за Албанците изјави дека проблемот на лидерот на СДСМ е дека тој од декември нема веќе да биде премиер.

„Ќе му покажеме добро на тој премиер кој дојде во име на желбата за правда, во име на владеењето на правото и правната држава, во име на борбата против корупцијата. Во име на соборување на режимот, а го изгради истиот режим и уште полош. Го гледате овој премиер секоја вечер, не поминува недела кога не се обидува да прикрие некој скандал, овој премиер ќе мора да знае дека денес има илјадници Албанци кои не го уживаат правото да учат на својот јазик, и јас кога го кажувам ова не е национализам, туку тоа е заштита на основните човекови права без оглед на етничката припадност. Додека тој што го забранува ова, е националист“, рече Села и додаде: „Дали знаете каде му е маката? Тој се грижи затоа што заедно со неговиот партнер Али ќе ги загубат овие локални избори од Струга до Липково, и во Скопје и секаде, а во декември повеќе нема да биде премиер бидејќи ќе има нова влада, што ќе биде во рацете на албанските политички субјекти што се грижат за Албанците каде и да се“.