Во нашата редакција пристигна уште една, трета по ред сторија од најблиски членови на семејствата на пациенти починати од Ковид 19. Даниел Атанасов кој живее во Швајцарија, ја загубил мајката додека се лекувала од Ковид 19 во Македонија, а тврдо верува дека таа можело да биде спасена доколку не биле направени лекарски грешки, кои не смееле да се случат. И неговата приказна, без интервенции, ја пренесуваме во целост;
Сакам да Ви раскажам уште една тажна приказна за мајка ми Саветка Атанасова 64 год. Не и беше така пишано, туку лекарите и пресудија, беше отруена со антибиотици. Голготата почна на 14-ти Април 2021 кога доби позитивен Ковид тест. Истиот ден додека ги чека резултатите, прави крвна слика и ренген снимка на која покажува дека има мала инфекција на едното белодробно крило. Матичниот одма и дава панцев и ѝ кажува дека е вирусна инфекција, ама според параметрите на крвта мисли дека ќе биде лесна инфекција. Сатурација 92. Информациите ги добивам по телефон бидејќи сум во странство. Наредниот ден 15-ти Април ситуацијата и се влошува, почнува тешко да дише, голема главоболка и диареја. Ја носат брат ми и сестра ми попладнето повторно кај матичниот, сатурацијата падната на 66 и одма ја праќаат на ифективна во Струмица, инаку ние сме од Ново Село. Брат ми ја носи со сопствено возило бидејќи ако чекаме амбулантно ќе стигне наредниот ден. Во Струмица ја примаат мајка ми и даваат една инфузија и ја прашуват дали ќе остане или ќе си оди, со сатурација 66. Мене постојано ме известуват по телефон. По мали дискусии одлучуваат да ја хоспитализираат. Наредниот ден уште рано се слушам со сестра ми, вели да не се секирам мајка ми е добра, ставена е на кислородна подршка и сатурацијата и се покачила за кратко време на 94. Докторот рекол ако продолжи така за 3 дена си оди дома. Беше добра се до пладне, попладне повторно почнува да и паѓа сатурацијата. Сестра ми и брат ми се цело време се пред Ковид центарот бидејќи мораат да купуваат тоа што ќе побараат медицинските сестри. Антибиотици еден куп, клексан (кој во тоа време не можеше да се најде, а ако се најде беше поскап од злато), памперс. Значи Ковид болницата од опрема и лекови има само кревет и кислород, ништо друго. А министерот Филипче на телевизија глумеше дека се е под контрола, секој пациент ја прима соодветната терапија. Значи мед.сестра ти дава рецепта, бараш пола ден по аптеките низ цел град – ако најдеш добро ако не, сам си виновен. 18-ти Април состојбата на мајка ми и се влошува уште повеќе, сатурацијата и паѓа под 70. Беше недела и немаше летови за Македонија, карта закажав за наредниот ден 19-ти Април. Стигнувам во Скопје и моите ме известуваат дека сатурацијата и е веќе 50 и дека ќе нема антибиотик Цитерал за таа ноќ, и дека во Струмица нема никаде. Јас со таксистот го поминав пола Скопје да најдам антибиотик затоа што без рецепта не го даваат. Набавив некако. Стигнувам во Струмица, сестра ми и брат ми веќе лелекаат околу болницата, моментот беше ужасен. Морам да влезам да ја видам мајка ми, но не ме пуштаат. Дозвола требало да ми даде началничката на Ковид центарот а баш таа беше на смена. Ја најдов брзо. Ми вели можеш да ја видиш за последно, таа ги живее последните саати, сатурацијата и е 47, зошто не ургиравте до сега – ми вели таа. И велам ние ли треба да ургираме или вие? Во меѓувреме сестра ми и брат ми лелекаат цело време, се спремаат за погреб. Ја фати некако жал докторката и нареди на мед.сестра да и покачат кислородот на максимум а мене ми даде рецепта да најдам уште некој друг антибиотик, ќе пробаат и со него (експеримент). За пола саат ја спремија да ја носат за Скопје. Амбулантното возило паркирано пред влезот арно ама возачот сам неможе да ја крене мајка ми, влегов и јас за заедно да ја кренеме. Што да видам внатре, мајка ми веќе помодрена во лицето ама сосема свесна и се поздравува со мене како за последно. Возачот почна да се буни, незадоволен како само него со такви пациенти го пуштаат за Скопје и пациентите му умираат по пат. Вели дека мајка ми нема да издржи ни до Штип бидејќи кислородот во амб.возило е послаб. Тргнаа, тргнав и јас по нив. Од Струмица ми кажаа дека ја носат во 8ми Септември. Ги изгубив по пат а ме фаќа веќе и полициски час, нити сум за напред, за назад па ич. Стигнувам во ГОБ 8 Септември и таму ми велат: да, стигна таков пациент арно ама немаше место, барајте ја во државна во некој Ковид центар.
Таа ноќ неможев да ја најдам мајка ми. Останав во хотел. Утредента ја најдов беше сместена во неврологија ковид центар, интензивна нега. Сатурацијата и била 89 на 16л кислород. Скокав од радост. Преку денот ме известија дека се води како средно тежок пациент, донесена е во тешка состојба ама параметрите како на Ковид пациент не и се толку лоши. Преку врски дури ми пратија и слика од параметрите. Имаше ЦРП 8 а веќе замастен црн дроп од антибиотиците во Струмица за само 4 дена. Значи правилно до тогаш немало потреба од антибиотик а она веке отруена. Наредните денови секое утро одев пред неврологија да чекам известувања, а таму што да видам, паркирани 3,4 возила погребална опрема Бутел, некое погребално од Кавадарци и уште некое од некој друг град. Исто и ноќе, само што ноќе беа паркирани само погребалните на Бутел. И секој ден исто. Тоа беше како хорор филм само што не беше филм беше реалност. Се изнагледав цели 10 дена како изнесуваат мртовци. Од ист влез влегуваат пациентите, од исти излез ги изнесуваат мртвите. Една врата за се. Ми ја покажуваа на двапати преку прозор бидејќи беше на приземје, таа жалната бараше помош и од мене и од лекарите. Никој да не го доживее овој миг, да гледаш како мајка ти бара помош а ти си немоќен да и ја пружиш. Еден ден барав да разговарам со лекар, излезе една млада лекарка и ми вели: мајка ти е за неинванзивна маска (ципап) а ние овој апарат овде го немаме, условите се тие 4 пациенти се во една соба, сабајлево ми се пожали дека има дијареа, најверојатно некоја бактерија закачила, ми вели докторката. И реков ако има некоја терапија што мислат дека ќе помогне а не оди преку фондот нека ме кажат ќе ја набавам (тоа им го повторував секој ден ). Само ги крена рамениците. Како да сакаше да ми каже барај си чаре овде нема аир.
После некој ден (веќе 8 ден во Скопје) барам од една мед.сестра да ми ја покажат преку прозор, ми отворат прозор и мајка ми ми вели дека и е подобро да и купам овошје и телефон да и однесам. Толку, се затвара прозорот. Тој ден бев толку среќен што евро-милион да ми се паднеше ќе бев помалку среќен. Но радоста траше кратко, уште истиот ден поплане ја видов уште еднаш и ми рече дека нее добра, сатурација околу 80 цело време на кислород 16л. Наредниот ден не ми дозволија да ја видам, ми кажаа дека едвај ја смириле и дека сега моментално спие. И нардното утро 30-Април (црн петок) во 5ч ми се јавија да ми изразат сочуство.
Што ли се случи овој ден и половина пред да почине не знам и немам одговор. Зошто се даваше толку антибиотик на ниско ЦРП да дојде до замастен црн дроб, кој е главен прочистувач на токсини? Зошто не и беше аплицирано Tonzicilimb Actemra, која со сигурност помага за смирување на цитокинската бура, а мајка ми ја имаше 2 пати? Таа ампула помага кај 80% од тешките случаеви,а кај нас може да се добие со голема привилегија бидејќи чини околу 940 евра. Ако ми кажеа лекарите ќе ја набавев, ама да не падне рејтингот на Филипче лекарите си молчат. Да напоменам пред да тргнам за Македонија се јавив на мојот матичен во Швајцарија за побарам совет. Ми рече само Азитромицин, антикоагуланти и многу течности, ништо друго. Познавам многу луѓе овде во Швајцарија што го прележаа вирусот и никој нема примано антибиотик. Просечната смртносна граница им е 85год . А кај нас во Македонија не верувам дека има повеќе од 60год.
Грешката за случајот со мајка ми е во првите 4 дена во Струмичката болница, антибиотици се давало без контрола. Сестра ми има купено повеќе видови на антибиотици што не се ни сеќава веќе како се викаат. Јас мајка ми нема да ја вратам, ама се надевам дека мојот глас ќе стигне до таканареченото министерство за здравство, поточно МИНИСТЕРСТВОТО ЗА СМРТ. Да направат, а ако не знаат – нека прашат некоја друга држава, ПРОТОКОЛ за лекување. И да престанат да ѓи трујат со антибиотици. Студенти од прва год. медицина знаат дека антибиотик на вирусна инфекција прави повеќе штета одколку бенефит. Нашите најмили си заминаа а на нас ни оставија трауми за цел живот, тоа не беше обична смрт тоа беше присилна смрт.
Даниел Атанасов




