Во следните три месеци се очекува храната да поскапи од 40 до 50 насто, доколку итно државата не преземе мерки, предупредуваат од Стопанската комора од каде веќе најавија повисоки цени на струјата и енергенсите кои ќе започнат нов ценовен удар.



„Се очекува поскапување на крајните производи да биде од 40 до 50 проценти, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. Крајно време е за една итна средба и тоа со заменик премиерот во Владата задолжен за економски прашања, и тоа во проширен состав со цел изнаоѓање решенија за ублажување на последиците од ценовниот шок со суровините во овој сектор“, вели Васко Ристовски од Стопанската комора.

Во моментов кога цените на основните прехрамбени продукти се повисоки од 5 до 10 насто, од Комората велат дека постојано се апелира до институциите за навремени мерки за да се ублажи ударот кој се очекува, но засега нема слух за нивните барања.

„Ние на оваа појава на зголемување на цените укажувавме неколку пати од почетокот на годината. Поскапувањето на месните преработки се очекува биде од 5 до 10, можеби 15 процени, колку што е на глобалните светски пазари, но може да биде до крајот на годината и до 30 – 40 проценти ако државата и владата продолжи да ја игнорира поддршката“, вели Гоце Трајчев.