За прв пат македонски претседател ќе ја посети Грција

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за грчкиот портал ЊузБомб, ја потенцира важноста на неговата престојна посета (утре и задутре) на Грција со оглед на тоа што се случува првпат и објаснува дека никогаш досега ниту еден претседател на Македонија не ја посетил Грција, ниту пак некој грчки претседател бил во Македонија.



„Па така, денес ја пополнуваме оваа празнина и отвораме уште еден канал на комуникација и соработка за уште поголемо приближување на двете земји и двата народи. Затоа, главната цел на оваа државна посета е да ја покажеме нашата дополнителна подготвеност за унапредување на билатералните односи во сите области од взаемен интерес, да ја реафирмираме решителната посветеност за пријателски и добрососедските односи меѓу двете земји, како и за понатамошна имплементација на Договорот од Преспа“, вели претседателот, како што пренесува МИА од Атина.

Пендаровски вели дека „интензивирањето на контактите и проширувањето на тематскиот опсег на нашите односи е нешто повеќе од логично и, би рекол, особено неопходно. Како одговорни лидери на две соседни земји, имаме обврска да создадеме услови за уште поголемо приближување на нашите народи“.

Претседателотутре и задутре ќе биде во дводневна официјална посета на Грција, ќе биде примен од претседателката Катерина Сакеларопулу, а ќе оствари средба и со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, и градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.