Во обраќање до „Слободен печат“ уапсениот Македонски дипломат Миле Миленкоски, кој е во екстрадикционен притвор во Врање, испратил писмо до редакцијата на „Слободен печат“ во кое вели дека во доставените докази од Ерменија нема ништо што би укажувало на негова вина во врска со таканаречениот „Ерменски скандал“. Случајот е поврзан со тројца македонски дипломати, кои со приватен авион и дипломатски пасоши, во 2019 година го извлекле од Ерменија македонскиот бизнисмен Димитријевиќ, обвинет за измама во таа земја уште пред две години.
Миленкоски на 27 август годинава беше уапсен во Србија по потерница на Интерпол издадена на 15 февруари 2020 година по барање на Република Ерменија.
Во писмото до Слободен печат Миленкоски пишува дека нема никаква вина:
„Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов.“
По апсењето во Србија, Миленкоски беше експресно суспендиран на шест месеци од неговото матично Министерство за надворешни работи, а сите надлежни институции во државава се дистанцираа од инцидентот соопштувајќи дека немаат никакви детали за настанот. Министерот за правда Бојан Маричиќ минатата среда изјави дека неговиот ресор не добил никаква информација „по која треба да бараме екстрадикција или трансфер на осудено лице“.
По барањето за екстрадикција на Миленкоски во Ерменија идната недела треба да одлучува Апелацискиот суд во Ниш, откако овластен адвокат од Врање го обжалил решението на Вишиот суд во Врање од 22 септември.







