Нема крв на Трансфузиологија – бројни операции ставени на чекање

Операции ставени на стенд бај поради недостиг на крвни деривати за потребите на хируршките сали. Доктори од приватните болници го вклучија алармот – велат пациенти со денови чекаат да им биде извршена операција бидејќи Институтот за трансфузиологија немал доволно крв за да ги задоволи потребите на здравствените установи, пренесува Алфа ТВ. Онкологот Милан Ристески за Алфа вели оти од пациентите на кои животот им е во опасност се бара да најдат роднини и пријатели кои ќе донираат крв за да може да им биде извршен хируршкиот зафат.



„Откако почна пандемиајата крв се потешко и потешко се добива. Скоро сите мои пациенти, не можат да дојдат, како порано што доаѓаа без проблем до крв и крвни деривати. На сите им е кажано дека треба да си викнат свои роднини да даруваат крв. Е сега, за нашите ајде ќе кажеме дека е полесно, ама за странските државјани, кои што немаат роднини овде, немаат познати во државата… Не можат да даруваат крв лица кои не се државјени на Република Македонија. На тој начин, автоматски, веќе е стимулирана црната берза за крводарителство“, вели доктор Милан Ристески, онколог во „One Hospital“.

Доктор Ристески вели оти ваква е ситуацијата веќе година и половина откако во Македонија почна корона пандемиајта. Тој апелира до здравствените власти под итно да најдат решение за овој проблем.

Дека состојбата со потребите за крв е алармантна сведочат и апелите за донации кои речиси секојдневно кружат на социјалните мрежи. Став за ова Алфа побарала од директорот на Институтот за трансфузиона медицина, доктор Садула Усеини. Тој ниту одговорил на нивните повици, ниту пак вратил на СМС пораките.