Конечно се огласи организаторот на скандалозниот извиднички камп во скопско, Првиот скопски извиднички Одред.
Велат дека „искрено жалат поради настанатата ситуација, што следува по сведоштвата споделени во јавноста околу случувањата на настанот Есенски бакнежи, прегратки 2021г.“
„Последните два дена ги посветивме на целосно толкување на реакциите и обвинувањата од страна на загрижен родител, кон активностите и случувањата на нашиот настан организиран 24-26.09.2021г. во околината на с.Градовци. Раководството на ПСИО внимателно ги разгледа коментарите и ставовите околу случајот и смета дека сведочењата за настанот се извадени од контекст“, велат од извидничкиот одред.
„Сакаме да напоменеме дека нашиот настан не претставува никаква манифестација на неморал, блуд или сексуално вознемирување. Сметаме дека многу делови од игрите се погрешно протолкувани,“ се додава во соопштението, објавено на веб-страницата на ПСИО.
Во соопштението, извидничкиот одред не го наведува целосното име на настанот, кое стоеше и на сега избришаниот настан на Фејсбук за кампот: „Есенски бакнежи и прегратки 2021: секс, скаутс и рок енд рол“.
„Есенски бакнежи, прегратки е традиционален настан чија цел е да ги спои основите на рок музиката, извидничките вештини и сексуалното образование. Настанот е наменет за категоријата постари извидници (постари малолетници над 16 години). На овој настан учестуваа 32 учесници доборволно пријавени во екипи по 4 лица преку своите матични одреди и 10 волонтери од ПСИО. Акцијата се креира од млади за млади и се одржуваше во безбеден простор, во забавна и младинска атмосфера, и секој учесник имаше можност да пријави доколку се почувствува непријатно. Есенски бакнежи, прегратки се одржува веќе 12 години и до сега сите настани поминале без никакви проблеми, поплаки или повреди, а имаат учествувано повеќе од 500 млади“, велат организаторите.
„За крај сакаме да упатиме жалење до сите страни кои беа неправедно вклучени, особено наши актуелни и поранешни донатори, а особено до ХЕРА која никогаш немала свој претставник на настаните, ниту пак финансиски го поддржувале овој настан. Информативните брошури се достапни за сите млади во нивните простории. Искрено жалиме, што ваква медиумска покриеност не се случи никогаш кога сме го побарале тоа во изминативе децении кога сме организирале безброј крводарителски, хуманитарни, еколошки акции, кога сме практикувале социјална инклузија и кохезија, кога сме подигнувале свест за заштита на животна средина, кога сме ја пошумувале и чистеле државата од отпад, кога сме помагале во елементарни непогоди и уште многу општествено корисни акции“, се додава во соопштението.
Активностите на кампот, кои предизвикаа згрозување во јавноста, пишува Слободен печат, вклучувале соблекување на облеката и прашања колку сексуални партнери имале децата, глумење секс пози, боење на полови органи, пеење песни во долна облека и слични активности.





