Никогаш и не се работеше само за името кое Грција го оспорува речиси од првиот ден на осамосојувањето на Република Македонија, туку за цела низа последици кои ќе следуваат по вметнувањето на некоја географска или временска додавка, пред или по името на земјава.
Никос Коѕиас од Њујорк и по средбата со Метју Нимиц порача дека решението на спорот не се однесеува само на името на државата.
Името и употреба на името – двете прашања кои се во надлежност на господинот Нимиц да преговара, како и изведените зборови, јазик, државјанство, за кои од грчка страна во соработка со универзитетски професори се подготвува листа за нивна регистрација, а последно се кратенките, изјави Никос Коѕиас, министер за надворешни прашања на Грција.
Има логика во изјавата на Коѕиас! Наивно е да се верува дека „мала“ преправка на уставното име на Република за севкупна употреба, го решава проблемот на задоволство на Грција.
И дека тоа нема да ги проблематизира името на народот, прашањето како ќе се нарекуваат државјаните и јазикот на некоја „нова“, „горна“ или „вардарска“ Македонија и која ќе биде кратенката наместо сегашната ПЈРМ.
Ова последното изгледа бенигно, но директно оди против надежите на Македонија за брз прием во НАТО под сегашната референца, кој Грција го блокираше во 2008-ма во Букурешт.
Коѕиас смета дека единствен начин да се најде решение е пакет преговори, отстранување на одредени иредентистички симболи за што изразил надеж дека е можно да се оствари бидејќи забележал такво расположение, пренесува грчката новинска агенција АПЕ.
По средбата со Коѕиас, во интервју за новинската агенција ИБНА, Метју Нимиц изјави дека постои интерес и кај двете страни за раешавање на спорот, а најави и негови предлози во – вистинско време.
Двете земји имаат свои позиции, може да ги наречете црвени или сини линии. Има многу важни прашања во двете земји, но мислам можат да се приближат, вели Нимиц.
Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред генералното собрание на ОН говореше за македонско грчките односи и оцени дека атмосферата е пријателска во двете земји и дека треба да се поправат грешките од минатото.
Во моментов двете земји имплементираат мерки на градење доверба. Ова е многу позитивен развој, имаме свеж инпут да го надминеме долготрајниот билатерален спор, изјави премиерот од говорницата на Генералното собрание на ОН.





