Пописот завршува вечерва, први податоци по шест месеци

„Наша обврска е по 6 месеци од теренски активности да ги објавиме податоците од пописот“, изјави во гостување во „Утрински брифинг“ Јасмина Ѓоргиева, портпарол на Државниот завод за статистика.



Ѓоргиева вели дека во ДЗС се задоволни од текот на попишувањето, а се чека вечер во 20 часот да се повлечат попишувачите и да се започне со следната фаза,

„Нема потреба од продолжување на операцијата. Во некои општини веќе нема попишување на терен, завршена е. Во погусто населените општини пописот сѐ уште трае. Ги охрабруваме граѓаните кои не биле попишани да дојдат во канцелариите на ДЗС и да го сторат тоа“, вели Ѓоргиева за Утрински брифинг.

Точна бројка на попишани до синоќа е 1.813.153 граѓани, 562.110 домаќинства и 829.585 станови, а од дијаспората околу 210 илјади граѓани.

„Не знаеме уште колку треба да се попишат оти податоците со кои располагаме се застарени, а во меѓувреме имаше и внатрешни и надворешни миграции. Не можеме ни да претпоставиме какви се бројките“, вели Ѓоргиева за Утрински брифинг.