Поразително за актуелните градоначалници – без помош од државата општините во банкрот

Потпретседателот на Алијанса за Албанците Елми Азири синоќа во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа, изјави дека државата минатата година им помогнала на општините со 50 милиони евра, а веќе сега нивниот долг повторно е искачен на околу 13 милиони евра. Причината за тоа ја гледа во лошото менаџирање со најголем дел од општините, незаинтересираноста на локалната самоуправа за правилно инвестирање и во огромната корупција.



Потврда за катастрофалната состојба е и податокот дека дури 76 проценти од буџетите на општини се финансирани од централниот буџет, а само шест проценти од општинискиот буџет е од собраните пари од даноци. На долг рок постои опасност општините да немаат самоодржливост, покажува анализата на Институтот за економски истражувања „Finance Think“, која ја пренесува Алсат.

„Една третина од општините имаат зависност која што е поголема од 80 проценти, а достигнува до фантастични 96 проценти. Општините мора да направат поголем напор во прибирање на сопствените приходи од даноците, но исто така средствата со кои располагаат мора во поголема мера да ги инвестираат во развојна компонента. Во моментов таа компонента не е доволна, а таа е клучен успех за во иднина општините да станат самоодржливи“, изјавила Благица Петрески, од Finance Think.

Од институтот посочиле дека на долг рок градоначалниците ќе треба да бидат спремни да се откажат или да го намалат давањето на градежни дозволи за градовите да бидат позелни и похумани.