БНП: Европа да ги заштити Бугарите во Македонија од етноцид

Европските и бугарските институции да преземат активности за заштита на бугарското културно наследство во РС Македонија, реставрација на уништените споменици и почитување на човековите права на граѓаните на РС Македонија со бугарска самосвест, бара извесна „фантомска“ организација која се претставува под името Бугарска национална платформа.



Во последната „декларација“ која ја публикува агенцијата БГНЕС, БНП бара „да се формира меѓународна група која ќе ги истражува злосторствата извршени на територијата на РС Македонија.

Апелот за меѓународна интервенција за запирање на етноцидот врз Бугарите во РС Македонија е испратен до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, европскиот комесар за европски начин на живот Маргаритис Схинас, еврокомесарот за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Гарбриел, до словенечкиот премиер Јанез Јанша, до претседателот Румен Радев и министерот за надворешни работи Светлан Стоев.

Истата „група“ вчера исто така лиферуваше декларација во кое бара бугарската држава да ги заштити „бугарите“ во Албанија, Косово каде не се признати и во „западните бугарски региони“ (Србија) каде бројот на Бугарите паднал под 10.000.

Во декларацијата објавена денеска, меѓу другото“ се вели:

„Некои кругови во Европа, поради ситни политички калкулации, долго време ги затвораа очите пред злосторствата извршени врз Бугарите на територијата на с. Македонија. На пример, додека во 1954 и 1955 година Федералната унија на европски националности го поодржуваше ставот дека Бугарите во Македонија се угнетувани, во 1956 година оваа позиција е радикално изменета со образложение дека југословенскиот диктатор „Тито не треба да се иритира со покренување на прашањето“ за бугарското малцинство во Југославија, за да не стане повеќе незадоволен од Западот и да се приближи до Советска Русија “.

Таквиот пристап, кој нема никаква врска со европските вредности за слобода, еднаквост и братство, ги одврза рацете на крвавиот режим во Југославија, кој се обврза да ги уништи не само живите, туку и споменот на загинатите Бугари“ – се вели во декларацијата ан БНП.