Професорката Каролина Ристова Астеруд на Фејсбук реагира на информациите во медиумите во врска со нејзино приведување на скопскиот аеродром.
„По некои медиуми/ портали е објавено дека сум била уапсена/приведена на меѓународниот аеродром во Скопје заради нарушување на јавниот ред и мир, и тоа со “викање” (?!) , со “непристојно и дрско однесување “ (?!) спрема полициските службеници во вршење службени дејствија , а дека инцидентот настанал “откога ми била побарана потврда за вакцинирање”.
Точно е дека имаше голем и сериозен инцидент, како и дека бев приведена со лисици во полициската станица на аеродромската полиција, и држена таму цела ноќ, докај 7 часот наутро вчера, повеќето време “оставена” на клупа со лисици, како небаре не сум таму.
Ударно, сакам да и соопштам на јавноста дека не е точно дека било во врска со мое одбивање да покажам потврда за вакцинација.
Целиот инцидент започна по поминување на пасошка контрола, и заради мој обид за пријавување на сомнителна торба ( во аеродромски услови тоа подразбира торба која е оставена сама) во делот на превземање на багажот од страна на патниците“ пишува Ристова Астеруд.
„Дека беше драма, беше, за жал , многу грда и лоша, но, ве уверувам дека јас бев во рамки на моите уставни и законски права и обврски, и нема правен основ за прекршочни пријави против мене. Единствено што имаше од мене е (правно ) аргументирање со тон на револт и протест.
Обвинувањата што се јавно пренесени на моја сметка треба да одат на страната на дел од полициските службеници од граничната полиција, а и полоши, некои дури и филмски лоши, до за неверување.
За деталите ќе ја информирам јавноста откога ќе го завршам делот со формалното пријавување на случајот во внатрешната контрола на МВР ( уште не сум заради неодложни професионални обврски), а во однос на која имам верба целосна и докрај ќе го расчисти случајот, а и ќе се консултирам за другите чекори за моја правна заштита од серија повреди на моите права и слободи.
За сите оние кои се прашуваат и се загрижени за мене по читањето на оваа вест, ве информирам дека сум добро, и покрај доживеаниот стрес, малтретирање , изживување, навредување, набедување со лажни обвинувања и импутации , понижување, “бодрење “ и “хушкање” да бидам приведена и да ми се стават лисици , противправно лишување од слобода, сето тоа и со дискриминаторска димензија по основ на мојот општествен статус ( “професорка на факултет”, “бивша функционерка “), а и како таргетирање и по основ на мојата етничка припадност како мотивација кај дел од службените лица, и сето тоа во најголем број без соодветно полициско легитимирање, и од страна и во присуство и опколена со, по мое броење, 7-9 лица во полициска униформа, сите таму за справување со мене, и, ако не се лажам, две полициски комбиња, раскажува професорката.
Иронично вели дека тоа е „на некој начин, одличен пример за правилно и ефикасно користење на полициските ресурси“, а сигурно некои присутни помислија дека се апси некоја која е до заби вооружена, која е насилна и пружа отпор ( ништо од тоа) , а можеби и со кила дрога во куфер, скраја бомба. Да биде поиронично, како што пишав, целиот инцидент започна со мое пријавување сомнителна торба кај делот за багаж.
„Пред да ми бидат присилно одземени телефоните за да не снимам ( а и пасошот ми беше одземен и задржан до пред пуштање од полициска станица), успеав мал дел да снимам, во прилог е снимката, ќе ви стане јасно дека тоа што “неофицијално” се брифирани некои портали/медиуми за “одбивање да се покаже потврда за вакцинација “ , а и за дел од другите набедувања, не е точно.
За тоа кој и зошто така “неофицијално “ ги пренасочил порталите ( а најверојатно и информирал чии се иницијалите во полицискиот билтен) засега немам објаснување. Претпоставувам има и аеродромски снимки за барем за делот од инцидентот пред аеродромот, ако не и за делот во полициската станица.
Очекувам, вели и верувам дека фактите и вистината ќе излезат на виделина, и дека правото и правдата ќе преовладаат.
Наспроти набедувањето, јас имам почит и верба во МВР како институција и кон нејзините професионални припадници, и како граѓанка, но и од лични причини ( и мојот покоен татко, на кого деновиве ќе му правиме десетгодишен помен, поголемиот дел од својот животен и работен век го има поминато во МВР, а и мојот брат пожртвувано работи во МВР), да се справи со непрофесионално и незаконско однесување на некои свои службеници, како прв чекор.
Во четврток ми е 51 роденден, не очекував дека “вака” ќе го прославувам, но ете …“ напиша во објавата Ристова Астеруд






