-Овие избори се избори на личност, програми, проекти, идеи, и во едни такви околности должност е за сите е да водиме позитивна кампања. Нашата земја оваа година слави 30 години од независност и колку сме навистина созреани и колку сме општествено одговорни сите ние со секоја година и со секои наредни избори може да докажувеме. Тука пред се мислам на нас политичарите, но, секако и на кандидатите што се претставуваат со своите изборни програми, рече Заев на денешниот прв ден од почетокот на кампањата за претстојните локални избори. Заев вети дека како партија и коалиција ќе водат позитивна кампања која ќе биде насочена кон она што било направено досега, но и кон идните планови за поддршка на локалните самоуправи и за поголем локален економски развој.
СДСМ и коалицијата, додаде, ќе води исклучително позитивна кампања.
-Ова затоа што имаме со многу што да се пофалиме во овие четири години, за сите проекти што се реализираат 550 милиони евра се директни поддршки од Владата за локалната самоуправа. Времето што е пред нас ги дава сите причини да веруваме дека ќе биде уште подобро, дека навистина ќе има уште многу проекти и оти животот на локално ниво ќе биде уште попримамлив, пред се младите да остануваат тука, рече Заев во одговор на новинарско прашање по учеството на почетокот на манифестацијата Преспански јаболкобер.





