Македонецот од Австралија, Александар „Велики“ Волкановски, останува на светскиот престол во ултимејт фајт во перолесна категорија со епскиот триумф над Американецот Брајан Ортега.
Сите тројца судии му дадоа уверлива предност на шампионот (49:46, 50:45 и 50:44), но за својата 23. победа во 24. настап тој мораше да вложи големи напори против жилавиот противник, кој не се откажуваше ни со раскрварено лице и видливо повреден нос.
Волкановски во голема мера ги контролираше првите две рунди, но во третата крвавиот Ортега го собори со левата рака и за малку не го докрајчи разнишаниот бранител на титулата, кој, сепак, се извлече и премина во контранапад. Обајцата потоа наизменично се закануваа со предвремен крај на борбата, а на Ортега судиите во неколку наврати му допуштаа да продолжи, и покрај скршениот нос од кој му течеше крв. Шампионот доминираше во петтата и последна рунда, по која двајцата добија стоечки овации од публиката.
За гордоста на македонската заедница во Асвтралија ова е 20. победа во низа, а за Ортега втор пораз во 17. меч.






