Секоја година сè помалку може да се најде грав тетовец во автохтоното тетовско подрачје, бидејќи земјоделците немаат род од оваа култура. Како причини ги наведуваат високите температури поради кои нема принос на тетовските ниви, а воедно како неуспешна ја оценуваат борбата со штетните инсекти кои го напаѓаат плодот.
Благоја Котески од тетовското село Доброште е меѓу оние што веќе неколку години не одгледуваат грав. Се одлучил на тој чекор бидејќи драстично бил намален родот на оваа култура.
– Се откажуваат луѓето, гравот е „оболен“ веќе. Не раѓа воопшто веќе. Завчера зборев со жилчани, кои работат грав. Водата им е блиску, нема вика, семето го нема што сме го посеале. Јас до пред три години и пол години имав една нива од три и пол декари. Просек на декар било од 80 до 120 килограми. Максимално имало и до 150 килограми. Сум можел да најдам и до 300/400 килограми.
Меѓутоа, за жал, сега климатските услови и особено високите температури, кои се несоодветни за гравот и пченката и за многу други земјоделски култури, придонесуваат тие да не бидуваат, објаснува искусниот земјоделец.







