Злоупотребата на деца во предизборната кампања за жал продолжува, пишува првата детска амбасада Република Македонија во своето обраќање до јавноста.
“По излегувањето на нашиот апел во јавноста и критиките што ги дадовме кон политичките структури, ни се обраќаат родители и други загрижени сограѓани/ки со дојави за злоупотреба на деца во предизборната кампања. Крајно време е политичар(к)ите кои ги злоупотребуваат децата за политички цели, да сносат одговорност! Децата не се објекти за декор на политичките фигури и партии!”, порачуваат од Меѓаши каде сметат дека секоја пригода кога политичар/ка ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран/а, снимен/а може да се смета за кампања!
Затоа од Меѓаши бараат: општините, училиштата, родителите… да се спротивстават и да не дозволуваат децата да бидат злоупотребувани во предизборната кампања!
“На самиот почеток од оваа реакција, да повториме: Политичките партии и политичките фигури не успеваат или не сакаат да разберат што е најдобар интерес на детето. Тие и понатаму ги користат децата на најразлични начини за добивање политички поени”, се вели во реакцијата според која Секоја пригода кога политичар/ка ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран/а и снимен/а може да се смета за кампања и повлекува соодветна одговорност и бара јасен одговор кон што или кому тоа придонесува и со каква намера се прави. Дури и во случаи кога се работи за директна заштита или помош на деца, фокусот постојaно треба да биде на она што е потребно да се направи за децата, како и на причините зошто тие деца се наоѓаат во таква тешка ситуација, а не на самите политичар(к)и или институции кои помагаат, а тоа впрочем им е и должност.
Да нагласиме колку е важно да се заштити идентитетот на децата! За жал, најчесто се работи за обиди преку слики и видеа со деца да се прави сопствена политичка промоција или промоција на сопствената политичка партија. Затоа, политичарите не треба да ги прегрнуваат децата, да се сликаат со нив и да им делат подароци пред камерите, туку треба сериозно да работат на проблемите кои ги засегаат децата, да го изнесуваат своето мислење и гласно да поставуваат прашања што ја засегаат оваа ранлива група.
Да потсетиме дека со години во континуитет повеќе политичари/ки се сликаа со деца или политичките партии подготвуваа видеа во кои децата се главни ликови, а најскорешен настан се предизборните кампањи на сегашниот градоначалник и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу како и Кандидатот за градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски (СДСМ).
Сегашниот градоначалник Висар Ганиу и кандидат за градоначалник на Општина Чаир на својот фејсбук профил објавил промотивно видео за 13 катчиња со детски реквизити на 13 различни локации на кое се гледаат деца како си играат и тој се поздравува со истите. Го цениме напорот што Општина Чаир го има направено за подобрување на квалитетот на слободното време на децата преку градење или обновување на детски игралишта, се надеваме дека Општината и Градоначалникот подеднакво ќе инвестираат и ќе се залагаат за добробитта на децата со ист интензитет секој ден од годината како и пред избори.
Кандидатот за градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски на својот фејсбук профил објавил фотографии од посета на селата Огут, Метежево и Нерав каде дели чоколади на деца на кои притоа не им е ни зашититен идентитетот.Секое сликање и снимање пред избори и во тек на изборната кампања, претставува злоупотреба на децата. Да потсетиме дека со Законот за заштита на децата член 12 став (4) се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување”, порачуваат од тимот на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ – Република Македонија и бараат посоченото видео и постовите на ФБ под итно да бидат повлечени.
https://www.facebook.com/komunacair/videos/270579998045430/
https://www.facebook.com/1006692742771753/posts/4363584313749229/






