Софија не отстапува, бара гаранции за спроведување на договорот со Скопје

Бугарија бара конкретни акции и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, нагласил шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев за време на вчерашната средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи.



Стоев на Вархеи му укажал на „принципиелната позиција на Бугарија во поддршка на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и Република с. Македонија“, пренесуваат бугарски медиуми.

Министерот го истакнал „континуитетот во политиката на привремената влада во однос на европската интеграција на Република с.Македонија, произлезена од Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година и Рамковната позиција усвоена од Советот на министри од 9 октомври 2019 година“.

Тој нагласил дека се очекува Македонија да покаже политичка волја за надминување на разликите, а Бугарија, од своја страна, останува активно вклучена во барање можности за решавање на отворените прашања, пренесе БГНЕС.