Првпат откога ја презеде функцијата на 6 јануари годинава, американскиот претседател Џо Бајден стои полошо од својот претходник Доналд Трамп во очите на Американците, покажува анкетата на Центарот за американски политички студии при Универзитетот „Харвард“ и „Харис пол“.



Во истражувањето на јавното мислење спроведено од 15 до 16 септември врз 1.578 регистрирани гласачи, 51 процент од нив се изјасниле дека Трамп беше подобар претседател од Бајден, за кој се определиле 49 отсто од анкетираните.

Ова е значително опаѓање на поддршката за актуелниот шеф на американската држава, зад кој во јуни застанаа 62 проценти од испитаниците, а во јули 52 отсто.

Позитивно мислење за Трамп имаат 48 проценти од учесниците во сегашното истражување, наспроти 46 отсто за Бајден. Од друга страна, негативно на Бајден гледаат 49 проценти од испитаниците, а на Трамп 47 отсто.

Работата на Бајден во Белата куќа ја одобруваат 48 проценти од анкетираните, а не ја одобруваат 50 отсто.

Уште поголема е разликата во полза на администрацијата на Трамп: 55 проценти анкетирани сметаат дека Мајк Пенс беше подобар потпретседател од Камила Харис, а 63 проценти се на мнение дека Мајк Помпео беше подобар државен секретар од Ентони Блинкен.

Галопирачкото ширење на Ковид-19 во последните неколку месеци и хаотичното повлекување на американските трупи од Авганистан се двете главни причини за незадоволството кај Американците од Бајден, оценува кодиректорот на истражувањето Марк Пен.