„Скопско ехо“: „Шилегов да направи функционерска лента за ‘македонските кралеви“.

„Кога британската кралица се движи низ Лондон ретко кој може и да забележи. Но, кога „македонските кралеви“ – функционери се движат низ Скопје, тогаш се е блокирано. Затоа, наместо нефункционалниот проект на „Брз автобуски транспорт” на Шилегов најдобро е да се направи посебна функционерска лента низ Скопје.“ – објавува „Скопско ехо“ во колумната под наслов „Шилегов наместо автобуска да направи функционерска лента“.




Скопскиот весник пишува: „Кога Кралицата се движи низ Лондон ретко кој може и да забележи. Можеби само возачите на автомобилите кои застануваат покрај нејзиното возило на црвено или пак пешаците кои се пропуштаат на пешачки. Сообраќајот функционира нормално за лондончани. Кога нашите ‘кралеви’ се движат низ Скопје – се е блокирано. Фрчат сирени, пиштат полициски свирчиња, се блокираат сите раскрсници – поминуваат „нивните величества” – нашите функционери. И пазете, ги има многу и цело време некаде одат низ Скопје. Е, зошто мора цело Скопје да стои за тие да поминат комотно? Аман веќе!“

„Се бара оваа ситуација да се смени најбрзо колку што може!“ – се наведува во колумната: „Сите ние кои чмаеме на крстосници во долги колони сме тргнале со обврски што не трпат ненајавени одложувања, доцнења… Што ли си мислат тие, само тие некаде треба да стигнат? За промена, нека пробаат барем една недела да се движат како нас – како обичниот народ, на кого постојано се повикуваат. Нека застанат на црвено, нека чекаат во колона, нека пропуштаат пешаци, малку и нека се нервираат од некоректните возачи, како сите ние. Така ќе видат и кои се проблемите на скопјани, со кои се соочуваат секојдневно кога одат на работа, на училиште, на факултет… Нека видат колку дупки има по улиците… Само првиот пат кога тоа ќе го направат нека најават, за да ставиме и ние две – три блокади и пренасочувања, па да видат како е…“

„Скопјани не заслужуваат да бидат тормозени, поради ‘кралските гости“ – се порачува во колумната: „Се е блокирано, колони возила на булеварите не мрдаат со часови, нервозни граѓани. Луѓето доцнат на работа, не стигаат да си ги земат децата од училиште или градинка, пропуштаат погреби… Среќа што нашиве кралеви во последно време и не се така омилени домаќини, па ретки им се посетителите од странство – тогаш ептен правеа застои. Што не си направат некој репрезентативен објект надвор од Скопје, па таму нека си ги примаат делегациите. Скопјани не заслужуваат да бидат тормозени заради доаѓањето на ‘кралските” гости.“

„Проектот ‘Брз автобуски транспорт’ на Шилегов нема да биде функционален и наместо да го реши сообраќајниот метеж уште толку ќе го задуши градот. Бројни експерти и граѓани го кажуваат тоа. Ако толку многу сакаат да се возат со придружба, може ќе го убедат скопскиот градоначалник лентата за брзиот транспорт да ја пренамени во лента за функционерски возила. Па нека си се возат колку сакаат, само да ги остават скопјани на мир за нормално да функционираат.“ – се вели во заклучниот дел на оваа колумна на „Скопско ехо“.

Извор: https://skopskoeho.mk/shilegov-namesto-avtobuska-da-napravi-funktsionerska-lenta/