И Берлин бара поголема воена независност на ЕУ од САД

Европската унија мора воено да дејствува понезависно од САД, изјави германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер во интервју за Франкфуртер алгемајне цајтунг.



„Ова не значи дека треба да се разделиме, но може да се појават ситуации во кои имаме други интереси, вклучително и во рамките на НАТО. Тогаш мора да бидеме поспособни со сопствени сили“, рече таа.

Министерката ќе ја понуди својата визија за формирање на такви сили до крајот на октомври.

Претходно, Жозеп Борел, комесар за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, објави дека конечниот проект за одбрана и безбедност, „Стратешкиот компас на ЕУ“, ќе биде готов до октомври-ноември.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, од своја страна смета дека европските сили за брза реакција можат да создадат конкуренција за НАТО и ја повика ЕУ да не го стори тоа.

Франција ќе биде домаќин на европскиот самит за одбрана во првата половина на 2022 година. Средбата доаќа по „заладување“ на односите на Париз со Вашингтон откако САД, Британија и Австралија формираа нов пакт за дејствување во јужнопацифичкиот регион, кој Франција го доживеа како „забивање нож во грб“.