Стопирани референдумите против изградба на мигрантски кампови

Мигрантите и за нивното населување не се прашање кое е во надлежност на општините и затоа Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе одлука да ги запре решенијата за организирање референдуми за мигрантите на 15 октомври, денот за кога се закажани и локалните избори.



Од Инспекторатот велат дека во член 22 од Законот за локалната самоуправа не е наведено дека општините имаат надлежност за мигрантите и за нивното населување во локалната самоуправа.

Решенијата се стопирани до произнесување на Уставниот суд.

Според државниот инспектор за локална самоуправа, Рахим Муслиу, решение досега е донесено за 12 општини кои доставиле до Инспекторатот извештај од јавното општинско гласило во кој е објавен референдум.

Одлуки за одржување референдуми на кои граѓаните би се изјасниле околу можна изградба на бегалски, односно мигрантски кампови на територијата каде живеат, донесоа советите на општините Кочани, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Велес, Неготино, Битола, Прилеп, Радовиш, Гази Баба, Аеродром, Охрид, Карпош и Ѓорче Петров.

Инспекторите ќе ги стопираат изјаснувањето и во Карпош и Ѓорче Петров, но се чека одлуките на општините да станат официјални. Нивното спроведување беше најавено за денот на локалните избори, 15 октомври.

Жестока расправа за тоа дали Македонија се наоѓа, или не, под закана од нов мигрантски бран и дали ќе има потреба од изградба на кампови се водеше во изминативе три месеци.

Комесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство на ЕУ, Димитрис Аврамопулос, на 13 јуни јуни од Стразбур порача дека Европската комисија се уште не почнала разговори со новата влада на Република Македонија во однос на прием и подолго сместување на поголем број на мигранти на македонска територија.

Аврамопулос, како што јави тогаш МИА, не сакал да потврди дали ЕУ стои зад изградба на голем бегалски камп за прием на повеќе илјади бегалци во Демир Капија, со цел прием на поголем дел од 100-те илјади бегалци сместени на територија на Грција, но не негира дека Брисел планира да започне разговори со новата македонска влада за помош во преселбата и разместувањето на бегалците.