На завршниот ден од мултимедијалната манифестација „Преспаленд“ во чест на народниот херој и поет Димитар Мите Богоевски во истоименото училиште во Ресен е отворен мурал посветен на неговиот лик и дело.
На 12 септември 1942 година заедно со Стив Наумов, во неговото родно село Болно бил опколен од бугарската окупаторска војска и полиција, а двајцата, за да не паднат во нивни раце, извршиле самоубиство. Бугарската полиција прво ги погребала во два гроба, потоа ги откопала и ги пренела кај селската црква, а од тука тајно ги однела кај Ѓавато (под Пелистер) и ги запалила со бензин. До ден денес не се знае нивното гробно место. За народен херој е птогласен на Илинден 2 август 1949 година.
Покрај како комунист и револуционер, Мите Богоевски е познат и како поет, кој напишал повеќе песни, но најголем дел од неговото творештво е изгубен. Познат како „Момчето од Болно“, со изразити македонски национални чувства, пред малата матура ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за Македонските Славјани“, а слична била и незачуваната песна „Богомили“.
Постои сомнеж, дека по неговото самоубиство, околу педесеттина македонски патриотски необјавени песни и роман се однесени во Бугарија. До денес во Македонија се зачувани неговите песни: „Сат“, „Ученичка тетратка“, „Покрај река“, „Висибаба“, „Спроти Илинден“ (1938), „Стојанка млада партизанка“, „Триесет и девет минаја“ (напишана по повод влегувањето на одредот „Даме Груев, кој тој го формирал, во битолското село Смиле. на Илинден 1942 година).





