“Партијата трпи огромна штета”: Сомнежи во СДСМ и коалицијата за одбраната на Филипче

Повеќе високи функционери на СДСМ имаат дилеми околу (не)прифаќањето на оставката на министерот Филипче од премиерот Заев .



Висок поранешен член на врвот на партијата кој се уште е активен тврди дека најмалку двајца министри се за брза смена на Филипче од политички и лични причини.

“Анализирајте ги молкот, изјавите и постовите на социјалните мрежи на министрите и другите високи функционери од СДСМ и ќе ви стане јасно дека владеачката партија е поделена за Филипче. Искусните кадри знаат дека ако Филипче по трагедијата остане на министерската позиција ќе биде огромен товар за СДСМ и тие очекуваат негова смена“, вели екс функционерот на СДСМ кој до неодамна беше во првите ешалони а сега инсистира на анонимност.

Според него ако се анализираат јавните реакции на функционерите на СДСМ јасно може да се види за каква голема поделба се работи .

Според друг висок член на партија која е во коалиција со СДСМ смената на Филипче ќе биде олеснување за целата коалиција, затоа што сега трпи целата влада.

“На избори не се оди со ваков голем товар, ако Заев не го смени веднаш ќе имаме сериозни последици кои можат да предизвикаат прекин на мандатот на оваа влада. Не можеме да претпоставиме зошто Заев толку многу калкулира со оставката на Филипче. Притисокот од јавноста е преголем”, вели искусниот политичар според кого Филипче е само еден од проблемите со кои се соочува власта но за разлика од корупцијата и криминалот проблемот со Филипче може да се реши за половина час.

И тој инсистира на анонимност но вели дека наскоро ќе проговори во јавноста за системските слабости кои владата ќе мора да ги смени веднаш ако сака да победи на изборите и да истера цел втор мандат.

Двајцата искусни политичари сметаат дека дел од оние кои во кулоарите се за оставката на Филипче да биде прифатена имаат лични интереси за партиската и владината позиција на Филипче.