И парите ќе добијат уставно име

Новото уставно име на државата ќе биде ставено и на новите пари, а Народна банка ќе потроши околу 2,2 милиони евра за печатење на нови банкноти во апоени од 100, 1.000 и 2.000 денари, дознава Фактор.



Договорено е руското акционерско друштво „Гознак“, кое ќе треба да ги изработи 100-ките за 24,6 милиони денари, или 400.000 евра. За банкнотите од 1.000 и 2.000 денари треба да се одбере понуда на 20 септември, откако еднаш јавната набавка не успеа, а услугата ќе чини 107 милиони денари заедно.

На банкнотите наместо „Народна банка на Република Македонија“, ќе треба да пишува „Народна банка на Република Северна Македонија“. Ќе треба да бидат изработени за десет месеци, со што во оптек би биле пуштени на средината на идната година. Бројот на изработените банкноти од 100 денари треба да биде 20.000.000 единици.