Во вечерашното гостување на ТВ24 лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, јавно праша до каде е истрагата околу пожарот во тетовската модуларна болница и дали е тоа причина што се уште, седум дена по трагедијата, не се објавуваат имињата на загинатите.
„Ние не ги знаеме ниту имињата на жртвите, барем за тоа се должни институциите. Се што знаеме е дека оваа работа не треба да се злоупотреби политички“, рече Села.
За загинатите 15 лица, портенцираше дека се вистинските жртви на трагедијата, а не оние од кои се бара оставка и поднесоа оставка, но некој се обидува да ги прикаже како жртви.
„Замислете излегува премиерот и не ја прифаќа моралната оставка на министерот. Гледаме дека ова е игра како да се манипулира гневот на тие што изгубиле најблиски со цел се да оди како ништо да не било. Како тој ќе одлучува за моралната одговорност на министерот. Како е можно да нема ни тронка одговорност, одговорност и оставки мора да има дури и на функции да се најчисти луѓе“, вели Села.
„Моралната одговорност треба да се прифати, во спротивно премиерот мора да си замине“, вели Села.
Тој ја отвори и темата за безбедност на модуларните болници, колку биле квалитетно градени, со оглед на тоа што, како што рече, „тетовската болница изгоре за 3 минути како да е бензиска пумпа“.
За соработката со опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека „природна соработка на опозицијата“, но потсети дека тоа не е коалиција, туку само договор за поддрка за локалните избори.
На прашањето на новинарката дали со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Миццкоски, разговарал за „27 април“ кога бил тешко повреден, Села рече „не е ова место да одговорам на тоа прашање.
Запрашан дали Мицкоски му се извинл за 27 април, Села рече дека „нема што мене да ми се извинува“.






