Брзината со која изгоре модуларниот центар во Тетово покажа дека објектот немал противпожарен систем и дека материјалот од кој е изграден не бил отпорен на пожар. Ова според инженерот Неџат Бајрами укажува на тоа дека модуларните болници не се безбедни објави ТВ 21.
„По трагичниот настан, додека изведувачот не обезбеди спецификација за да докаже дека материјалот е отпорен на пожар, технички јас изјавувам дека сите објекти изградени по сличен принцип не се безбедни“, посочи Неџат Бајрами.
Освен пропустите во тендерската документација, прекршен е и Законот за градење, во кој пишува:
„Основните барања за градбата се однесуваат на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, заштита од пожар, санитарна и здравствена заштита“, стои во Законот за градење.
Бајрами ја проверил тендерската документација на модуларната болница во Скопје, каде, како што тврди, никаде не пишува дека е користен материјал отпорен на пожар.
„Најголемиот пропуст го гледам во тендерската документација каде никаде, во ниту една точка не е предвидено користење на материјал отпорен на пожар. За изградба на модуларните објекти се користат „сендвич панели“, меѓутоа има голема разлика меѓу различните видови, зависно од материјалот кој е користен“, посочи Неџат Бајрами стои во текстот на ТВ 21.






