Петар Стојанов, поранешниот претседател на Бугарија -кој за Македонија велеше дека е „најромантичниот дел од бугарската историја“, би можел да биде кандидат за бугарски претседател по предлог на партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.
„ГЕРБ би номинирал кандидат врз основа на концепт. Профилот на кандидат за претседател на ГЕРБ треба да биде профил на личност способна да биде центар на политичкиот дијалог, што треба да започне да ја враќа улогата на претседателството како простор во кој најтешките политички противници можат да седнат на иста маса и да постигнат согласност за главните прашања“, изјави пратеникот на ГЕРБ-СДС, Тома Биков за Бугарското национално радио.
Според него, кандидатот на ГЕРБ за претседател на Бугарија треба да може да ги привлече сите оние кои не го сакаат сегашниот претседател Румен Радев.
Биков рече дека ГЕРБ размислува за претседателски кандидат меѓу неколку кандидати, меѓу кои и Петар Стојанов, кој беше претседател на Бугарија во периодот од 1997-2002 година. Тој смета дека Стојанов е една од позитивните фигури во последните 30 години во Бугарија, пренесува МИА.
Според Биков, тој е најуспешниот претседател на Бугарија, бидејќи ја извадил земјата од работ на граѓанска војна од почетокот на 1997 година и благодарение на него земјата станала членка на НАТО и ЕУ и „само тој има квалитети да биде претседател”, вели Биков.
Патар Стојанов исто така изјавуваше дека „поделбата на Бугарија на три дела, на Северна Бугарија, на Источна Румелија и на Македонија се чувствува како најголема историска неправда“и дека Илинденското востание е бугарско.







