Во пожарот во тетовската ковид – болница завчера само за неколку минути згаснаа 15 човечки животи и со нив и нивните сништа за натамошно живеење, со нови планови, без болеста ковид. Набргу откако пожарникарите го згаснаа огнот, прашавме еден од нив: која би можела да биде причината за избувнување на огнената стихија? Дали е можно да се појавила искра од електричните инсталации, или од некој уред? Пожарникарот, видно искусен во својата работа, додека ја пакуваше опремата спонтано и со не мала сигурност ни одговори: „Каква инсталација, каква искра, ова е изгледа подметнато…“
Еден ден потоа координаторот на ковид – болницата во Тетово д-р Гзим Нуредини во изјава за ТВ 24 ги изнесе своите „сомневања колку бргу се раширија чадот и огнот“. Во информацијата со наслов „Не знаеме дали се работи за саботажа, или дошло до спој во инсталациите“ информативниот портал „Локално“ вчера ја пренесе изјавата на Нуредини: „За 3 до 5 минути пожарот ги зафати сите простории. Не ни се веруваше како така брзо се ширеше огнот. Се сомневаме во диверзија. Сите опции се на маса. Се уште не знаеме дали се работи за саботажа, или дошло до краток спој во инсталациите.“
Но, од друга страна, вчера во информација со наслов „Пожарот може да бил предизвикан од дефибрилатор, со кој лекарите се обиделе да реанимираат девојче “„Слободен печат“ пренесе: „Тетовчанка, чиј татко се лекувал од ковид во модуларната болница во Тетово, вели дека пожарот најверојатно настанал откако лекарите во соседната соба со дефибрилатор се обидувале да реанимираат девојче, кое било на умирање. Дека е можно дефибрилатор да ја предизвикал трагедијата во тетовската болница тврдат и лекари од инфективниот оддел на болницата, со кои разговаравме под услови на анонимност.
Според овие неофицијални верзии, можно е дека дошло до искричење на штекерот, на кој бил приклучен дефибрилаторот, или самите искри на дефибрилаторот да предизвикале пожар. Оваа верзија уште не е потврдена официјално од истрагата.“
Денес е соопштено дека стpaнски експерти за фopeнзика при eкcплoзии и пожapи ќе ја испитуваат нecpеќата во Тетово. Зошто?
Дали нема во Македонија домашни експерти за ваква проблематика, па затоа вакви странски форензичари ќе се ангажираат?
Или е тоа од друга причина и која, евентуално?
Годинава во август се случи првото загрозување на болните од ковид во тетовската болница со можни катастрофални размери. На 23.8.2021 година во информацијата под наслов „Ги пресекле цевките за довод на кислород во тетовската болница – загрозени животите на 120 ковид – пациенти“ информативниот портал „Сакам да кажам“ објави: „Избегната е голема трагедија: ноќеска 120 ковид пациенти во тетовската Клиничка болница можеле да останат без кислородна поддршка. Непознат сторител, или сторители, оштетиле цевка, со која болницата се снабдувала со кислород. Биле оштетени само една помошна цевка за снабдување со кислород и една цевка за довод на азотен оксидол. Не била оштетена главната доводна цевка, преку која со кислород се опслужуваат 120 ковид – пациенти. Да беше оштетена и главната цевка, ќе настанеше вистинска катастрофа.’ – изјави д-р Гзим Нуредини.“
По оваа ретроспектива за случувањата околу тетовската ковид – болница се наметнуваат неколку прашања:
1. Која е причината за избувнување на катастрофалниот пожар во модуларната болница? Кои околности придонесле се да се пеплоса толку бргу?
2. Дали пожарот бил подметнат, или не? Ако странските форензичари, полицијата и обвинителството изнајдат докази дека огнената стихија била предизвикана од поединец, или поединци, намерно или случајно, тогаш ќе мора да се утврди дали тоа се случило, евентуално, со одреден нечиј план и каков.
3. Дали постои, или не постои, поврзаност меѓу катастрофата во модуларната болница и августовскиот обид да се пресечат цевките за довод на кислород во Клиничката болница?
Денес и информативниот портал на албански јазик „Порталб“ во осврт под наслов „Што се знае и што не се знае за пожарот во Тетово?“ прашува: „Дали имало намерно подметнување пожар? Дали човечки фактор повлијаел врз избувнување на огнените јазици? Дали огнот бил предизвикан од дефибрилаторот, со кој лекарите, се обидувале да реанимираат пациент? Дали пожарот во модуларната болница е поврзан со претходниот инцидент на сечењето на цевките со кислород?“
Одговорите на сите овие прашања мора да бидат дадени побргу, за да се спречат сомнежи, претпоставки и шпекулации во јавноста. Семејствата на 15-те жртви, но и најшироката јавност во Македонија, очекуваат објективно и час поскоро да се расветли како дојде до пожарот во модуларната болница.
Во меѓувреме, продолжуваат дејствата, кои ги преземаат петтемина обвинители за утврдување на причината за пожарот во модуларната ковид – болница. Се обезбедуваат видео-снимки од Клиничката болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен од поединци и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат според наредби од обвинителството. Се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.
Одделот за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР – Скопје подигнува материјални докази и се обезбедуваат трагите од местото на настанот. Тие ќе бидат вештачени, за да се утврди причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Ќе биде ангажирано вешто лице од електротехниката, кој беше присутен во опожарениот објект. Неговата експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот.
Сослушани се дел од сведоците од местото на настанот, дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во модуларната болница кога избувнал пожарот. Се сослушуваат и други лица, кои можат да дадат потребни известувања во врска со пожарот. Обвинителството нареди да се одземе целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница и од правното лице – изведувач на изградбата. Основните јавни обвинителства во Тетово и Скопје проверуваат дали има евентуални пропусти на одговорните лица во однос на почитување на прописите за заштита при работа и за противпожарна заштита.
Се презема итна истрага во соработка и со Дирекцијата за заштита и спасување, со полициски службеници од Одделот за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР – Скопје, вешти лица од електротехниката, претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица, за да се утврдат причините за трагичниот настан.





