Кој е Игор Југ, наводниот атентатор на Зоран Заев

Во полициска акција, утринава во Куманово беше уапсен Игор Југ, еден од напаѓачите  и учесник во насилниот упад во зградата на македонското собрание на 27 април.



За денес уапсениот, јавноста дозна пред десетина дена кога од разузнавачот во српската амбасада во Скопје, Горан Живаљевиќ, беше посочен како човек кој на 27 април влегол во Собранието вооружен со пиштол и со намера да го убие премиерот Заев.

Горан Живаљевиќ, на белградската ТВ Хепи излезе со тврдење дека на 27-ми април, при упадот на толпата во зградата на Собранието, наводно било присутно и лице од една поранешна југословенска република кој имал намера да го убие Зоран Заев.

Живаљевиќ раскажа дека во парламентот таа вечер бил присутен извесен Игор Југ, симпатизер на ХОС (Хрватски ослободителни сили) кој имал облека со шаховница на неа, а можеби и оружје.

Некои македонски телевизии пренесоа снимки од ТВ Хепи на кои се гледа човек кој наводно цело време држи рака со пиштол позади грб со намера, како што претпоставува Живаљевиќ, наводно да стрела во тогашниот лидер на опозицијата.

Живаљевиќ, кој беше повлечен од српската амбасада откако беше компромитиран со неговото нејасно присуство во парламентот, праша зошто македонските контраразузнувачки служби не го откриваат овој детал од настаните на 27-ми.

Игор Југ, тогаш веднаш реагираше и преку социјалните мрежи ја демантираше изјавата на српскиот разузнавач.

Деновиве сум главна вест во сите медиуми како човекот што требаше да го убие Заев, па затоа сакам на Живаљевиќ да му поставам неколку прашања. Ако сум сакал да убијам некого, тогаш зошто не сум убил? Кој можеше да ме спречи?

Можев со раце да удавам некој ако сакав. И ако сум професионален убиец, тогаш зошто не носев маска? Човек со повеќе од 100 килограми, со долга брада, тетовирани раце и во маица со ХОС бев само јас, а тоа значи дека секој мој чекор беше будно следен, напиша Југ.

Денес МВР соопшти дека од страна на овластени службени лица при Секторот за внатрешни работи Куманово по претходна наредба од 16 мај 2017 година на Основно Јавно Обвинителство Скопје во врска со настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија е приведено лицето И.Ј. (47) од Куманово поради основано сомневање за сторено кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие” казниво по чл.384 ст.1 од КЗ на РМ.