Без Меркел германските конзервативци губат популарност

Поддршката за конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел падна на рекордно ниско ниво од 19 проценти, покажува најновата анкета спроведена на помалку од три недели пред парламентарните избори во Германија.



Истовремено, Социјалдемократите (СДП) го зголемија водството на 6 процентни поени, информира „Ројтерс“.

Со опаѓањето на популарноста на конзервативниот блок, предводен од Армин Лашет, исчезнуваат и надежите дека тој ќе ја наследи Меркел како канцелар.

Меркел вчера апелираше до Германците да го поддржат Лашет.

Но, анкетите за RTL и n-tv покажаа дека ова е најниската поддршка досега забележана за конзервативниот блок составен од Христијанско-демократската унија на Меркел (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

Анкетата покажа 25 проценти поддршка за социјалдемократите, 17 проценти за Зелените и 13 проценти за Слободните демократи. Ултралевичарската Лева партија, која теоретски може да се обедини во левичарскиот сојуз со СДП и Зелените, има поддршка од 6% од испитаниците, додека екстремно десничарската Алтернатива за Германија има 11% поддршка.