До крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците од пописот кој започнува утре и ќе трае во наредните 25 дена.



Со пописот , кој се одржува по 20 години ќе се добијат податоци кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата.

Ќе добиеме точна бројка колку не има во државата и каде сме точно распоредени, ќе се добие прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението, вели директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски во интервју за МИА.

Според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности, но ние веруваме дека ќе успееме да ги завршиме обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 да ги објавиме податоците. За разлика од претходно, кога имавме првични, па следеше долг процес на внесување податоци, со овој процес сега ќе објави само дефинитивни конечни податоци, вели првиот човек на ДЗС.

Досега се самопопишаа приближно 191 000 македонски државјани во странство. „Очекувавме поголем одзив кој некако спласна по одложувањето на пописот во април и сега очекуваме дека повторно ќе се интензивира овој процес“ вели Симовски.