Сулејмани: „Егзодус на младите Албанци, чија иднина ја украдоа политичарите – ајдуци“

„Бегањето на младите Албанци од градовите и селата во Македонија во потрага по подобар живот не е веќе печалбарство, туку се претвора во егзодус со тажни димензии. Нивната иднина ја украдоа алчните политичари – ајдуци.“ – вели Фатмир Сулејмани, професор на Филолошкиот факултет на државниот Универзитет во Тетово, во својата колумна под наслов „За тажните димензии на тивкиот егзодус“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“.

Колумнистот натаму се осврнува на состојбата во Македонија – „земјата на чудата“: „Пред три години во ‘Порталб’ напишав статија под наслов ‘Еееј, ние умираме’, со која сакав да ја разбудам нашата чувствителност во врска со масовното раселување на младите насекаде ширум светот во потрага по иднината, која им ја украдоа ајдуците – политичари. Навистина, стара појава е печалбарството и движењето на луѓето од една во друга држава, за да обезбедат подобар живот и тоа не се поврзува само со Албанците. Но, она што се случува моментно кај нас не е печалбарство, како што сакаат да прикажат алчните од земјата на чудата. Ова е тешка несреќа, состојба пред изумирање, невидена на овој простор. Ова е егзодус со тажни димензии.“

„Младите бегаат без да ја свртат главата назад“ – нагласува професорот Сулејмани: „Ова е трајно напуштање на татковината од страна на младите, кои ја загубиле надежта и кои заедно со нивните семејства, бегаат без да ја завртат главата назад. Сево ова предизвикува еден егзодус без пример, кој може да се спореди со погромите, што се случија во времињата на немирите и на сатрапските режими, кога луѓето беа принудени да бегаат, за да се спасат од чудовиштата на сивата иднина, од повеќедимензионалната сиромаштија и беда.“

Според авторот на колумната, „властите облечени во демократски наметки, всушност, ги оставаат младите без работа и без иднина“: „Наглото напуштање на албанските населби има повод, кој треба да се бара во новите тактики на сатрапските власти облечени во демократски наметки, оставајќи ги младите без работа, без можност за егзистенција и без иднина, давајќи му така на трагичниот егзодус привид на доброволно и безопасно заминување на младите од огништата на нивните предци. Тоа предизвика застрашувачко и брзо опустошување на нашите градови и села, кои стануваат тивки и речиси без гласови, што ќе алармираат и кои веќе од поодамна требаа да го постават прашањето на изумирањето на рати на нашиот несреќен етникум. Алчните матрапази ја јадат нашата иднина со позлатени лажици.“

„Никој да не се прави дека не ги гледа последиците од оваа национална трагедија, која се продлабочува“ – вели професорот Сулејмани и заклучува: „Тие последици можат да се видат на празните плоштади низ градовите, во двориштата на училиштата со многу мал број ученици, на спортските терени, на кои не игра повеќе никој, на напуштените патишта, во затворените дуќани и кафеани, во оџаците што не чадат, во прозорците со спуштени ролетни, во затворените врати, кои ги отвораат само повремено некои стари луѓе, останати без најсаканите. Тие последици можат да се видат на софрите, на кои нема за кого да се стави нешто, на ретките свадби, во тревите што ги покрија улиците околу куќите до вчера исполнети со живот и со љубов, во фатализмот на оние што ја загубија нишката на животот, во полињата претворени во трње, во пасиштата без стока, во загубената вера, за чие повторно заживување треба да се бориме сите, пред да стане предоцна.“