„Журнал“: „Опаднат интересот на дијаспората за пописот“

„Се проценува дека во странство живеат 450 – 460 илјади граѓани на Македонија. Од нив досега се попишале само 190.842 лица, иако имаат можност самите да се попишат преку интернет. Интересот кај дијаспората за учество во пописот е значително опаднат. Државата треба да преземе мерки да го поттикне.“ – пишува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа во врска со пописот под наслов „На прагот на пописот не се чувствува дека е заживеана дијаспората: потребен е точен број на Албанците“. Напоредно со ставовите во оваа анализа, за одбележување се и изјавите од 23. и 24.март годинава на Артан Груби, потпретседателот на Владата, дека „пописот е и статистички и политички процес, кој се спроведува и заради зголемувањето на етничките права и барања на Албанците во Македонија“, како и на албанскиот министер за дијаспора Пандели Мајко дека „овој попис е пребројување на Албанците каде и да се – од Аљаска, САД до Австралија.“ Груби и Мајко имаа средба тој месец во Тирана околу пописот и тогаш упатија заеднички апел до нивните сонародници од секаде да се вклучат во македонскиот попис.



Во анализата „Журнал“ вели: „Не постојат точни податоци колку има наши граѓани надвор од Македонија, но се верува дека нивниот број е 450 – 460 илјади. Од нив досега се попишале 190 илјади и 824 лица. Европа води во бројката на досега попишаните. Процентот на оние што се попишале е видно понизок од оние што реално живеат во дијаспората. Граѓаните на Македонија имаа можност самите да се попишат уште од март годинава. Од почетокот на кампањата нивната готовност да се попишат беше многу висока. Но, оваа волја и ентузијазам претрпеа силен удар поради договорот за одложување на пописот. Оттогаш бројката на попишани опадна значително.“

Потоа, се изнесуваат податоците од Заводот за статистика на Република Македонија од 31.8.2021 година, кои се однесуваат на бројката на досега попишани од дијаспората: „Од Швајцарија до крајот на август се попишале 62.556 лица, од Германија 43.368, од Италија 26.878, од Австралија 11.066, од САД 8.210, од Белгија 4.628 и од Данска 4085 граѓани од Македонија. Најголемиот број на нашата дијаспора се наоѓа во државите во Еропа и оттука најголемиот број попишани доаѓаат од овој континент. Има лица попишани и од други континенти, каде што живеат наши граѓани.“

„Државата треба да преземе мерки да го поттикне пописот, или да создаде механизми, за да се искаже сета бројка на граѓани на нашата земја, било да се надвор или внатре во неа. Само на тој начин може да го знаеме точниот број на нашето население и да создадеме вистински политики.“ – заклучува „Журнал“ во оваа своја анализа.

Инаку, на 23 март 2021 година на веб – страницата на македонското Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците беше објавена информацијата под наслов „Груби на средба со Мајко: се состанавме, за да апелираме заеднички за пописот“, во која е соопштено дека македонскиот министер за политички систем Артан Груби на 23.3.2021 година на средбата во Тирана, во Албанија, со Пандели Мајко, министерот за дијаспора на Албанија, рекол: „Пописот на населението е многу важен за Албанците во Македонија. Повисокиот процент на Албанците ќе повлијае врз зголемувањето на барањата и врз политиките, кои се развиваат овде. Овој процес не е само статистички, туку и политички. Правичната и соодветна застапеност на Албанците зависи од процентот на пописот. Во 2001 година Албанците сочинуваа 25,17 отсто од населението. Сега во 2021 година ќе зависи од нас самите и од тоа што ќе сработиме зааедно, инспирирајќи ја нашата дијаспора да пристапи кон пописот.“

Тогаш Мајко истакнал: „Ова е пребројување на Албанците каде и да се – од Аљаска, САД до Австралија.“

Дополнително, во интервјуто под наслов „Пописот е животно важен: од него зависат етничките права на Албанците – нагласува Артан Груби“, објавено на 24.3.2021 година на информативниот портал „Топ 24.мк“ на албански јазик, вицепремиерот Груби појаснил: „Употребата на албанскиот јазик се определува со процент. Населението што сочинува повеќе од 20 проценти од вкупното население во Македонија има право да го употребува својот јазик на целата територија на државата, или во општината во која го има повеќе од 20 проценти. Албанското национално знаме може да се употребува во официјална форма, само ако сме повеќе од 50 проценти во одредена општина.“