Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, упати апел до граѓаните да се вакцинираат откако сезоната на свадби и други семејни собири значително го зголеми бројот на заболени и починати од коронавирус.



„Почитувани, јас, заедно со моето семејство, сме вакцинирани од мај, како единствен начин за справување со смртоносниот вирус Ковид-19. Во текот на оваа година и половина многумина од нас ги загубија своите сакани. Секојдневно добиваме кобни вести од најблискиот круг. Синоќа починаа братот на мојот пријател Бекир Асани заедно со неговата 33-годишна ќерка, како и братот на мојот пријател Невзат Бејта“, напиша Ахмети на Фејсбук, изразувајќи сочувство до семејствата на починатите и повикувајќи за масовна имунизација и почитување на мерките.

„Ве молам за грижа и висока граѓанска одговорност, семејна и индивидуална свест. Затоа, вакцинирајте се и не двоумете се“, порача претседателот на владејачката партија.