Македонија од 1 септември ќе биде во црвената зона на Бугарија за патување, што подразбира најстроги ограничувања за македонските државјани што од тој датум ќе влегуваат во Бугарија, но и за бугарските граѓани што ќе доаѓаат од земјава.
Од среда за влез во Бугарија од Македонија ќе мора да се приложи сертификат за вакцинација или за прележување на Ковид-19, истовремено со него и негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа.
Без сертификат за вакцинација или за прележување, ќе биде дозволен влез само со негативен ПЦР-тест и притоа лицето ќе биде ставено во 10-дневен карантин. Тоа ќе важи и за македонските државјани, но и за бугарските, како и за сопственици на други патни исправи што ќе влезат од Македонија.
За Бугарите има дополнителна опција – ако покажат само еден од документите (потврда за вакцинација/прележување или негативен тест), ќе бидат ставени во 10-дневен карантин, но можат да го прескокнат ако во рамките на 24 часа приложат уште еден негативен ПЦР-тест.
Децата на возраст од 12 до 18 години што пристигнуваат од Македонија и од другите земји од црвената зона ќе бидат пуштени во Бугарија со негативен резултат од ПЦР-тест, а ако немаат – ќе одат во десетдневен карантин. За бугарските деца на наведената возраст карантинот може да отпадне ако во рок од 24 часа од пристигнувањето приложат нов негативен ПЦР-тест. За децата до 12 години останува слободниот влез во државата од сите зони.
Според наредбата од министерот за здравство Стојчо Кацаров, покрај Македонија, од европските земји во црвената зона од 1 септември се ставени и Црна Гора, Ирска и Косово, а во неа од претходно остануваат Велика Британија и Кипар, а излезе Шпанија.
Во црвената зона на Бугарија за патување од среда ќе се наоѓаат 50 земји од целиот свет.





