На 8 септември во Скопје протест за “Монтирани случаи против Албанци“

„На 8 септември годинава, на денот на независноста на ‘државата северна’ во Скопје ќе се одржи албански протест, поради ‘Монструм’, ‘Куманово’ и сите други случаи монтирани против Албанците од страна на репресивната славо – албаноговорна влада, која со тоа го искажува својот презир против овој етникум. Демократската унија за интеграција, како учесник во оваа влада, е дел од албаноговорниот колаборационизам, и таа е одговорна за флагрантното газење на човечките права на Албанците“ – велат Медаи Шахоли и Мона Агригороаиеи во својата колумна „Во поддршка на албанскиот протест во Скопје“, која ја објавија медиуми на албански јазик а ја пренесува expres.mk




Мона Агригороаиеи е преведувачка од англиски на романски јазик од Романија. За неа постојат непотврдени сознанија, пласирани низ медиуми на албански јазик, дека е, наводно, членка на Движењето „Самоопределување“ – владејачката политичка партија во Косово на премиерот Албин Курти. Медаи Шахоли е колумнист во медиумите на албански јазик во Македонија, со повремени изнесувања ставови во прилог на активностите на Движењето „Самоопределување“ и за пренесување на неговите активности и во „Република Илирида“, во Македонија. Авторите на оваа колумна најавуваат протест на Албанците во Скопје на Денот на независноста на Република Македонија, но тие не наведуваат со ниеден збор кој ќе биде организаторот на тој протест, ниту што ќе содржи програмата за изведување на протестот.


Шахоли и Агригороаиеи пишуваат: „На 8 септември 2021 година, на денот на независноста на ‘државата северна’, ќе биде организиран албански протест во Скопје против монтираните случаи. Ние, дејците од дијаспората, силно го поддржуваме морално овој протест и го сметаме како правичен протест. Монтираните случаи како ‘Монструм’ или ‘Куманово’, претставуваат флагрантно газење на правата на човекот, на правата на Албанците во ‘државата северна’. Тие монтирани процеси се координираат од страна на обвинителството, судовите и власта против Албанците. Албанските политички партиички се дел од бесрамната соработка на албаноговорните колаборационисти со власта!“


„Стара Европа треба да го чуе гласот на албанскиот револт“ – наведуваат колумнистите: „Сите монтирани случаи одразуваат презир кон Албанците од страна на репресивната славо – албаноговорна влада. Треба да се протестира непрекинато се додека стара Европа не го чуе гласот на албанскиот револт. Тие темпирани случаи се газење на правата на човекот, бидејќи многу Албанци се затворени неправедно со максимални казни! Со Охридскиот договор на Албанците им се ветени ‘рамноправност’ и ‘права’. Но, според славомакедонската ‘држава’, оваа ‘рамноправност’ завршува таму каде што треба да заврши вистината околу овие монтирани случаи.“


Шахоли и Агригороаиеи ја критикуваат партијата на Али Ахмети: „Таквите случаи се и отворено изразување на албаноговорниот колаборационизам, бидејќи албаноговорните партии во власта, посебно Демократската унија за интеграција, знаеле за секој што ќе биде затворен, како и за секој план што ќе дојде за спроведување. Со тоа тие им понудиле поддршка на македонските служби во извршувањето на овие злокобни, застрашувачки случаи. Што е најважно, не им се спротивставиле. Фотелјите се поважни за ДУИ отколку вистината и правдата.“


„Старата Европа никогаш не реагирала заради повторно воспоставување на правдата и вистината. Го поддржуваме албанскиот протест во Скопје и бараме расветлување на монтираните случаи и правда за Албанците!“ – заклучуваат Медаи Шахоли и Мона Агригороаиеи во својата колумна.