Текстот на Милосављевиќ е во врска со небулозите искажани денеска од кандидатка за претседател на Бугарија.
Цвета Кирилова, претседател на „Здружението Азбука“ се кандидира за претседател на Република Бугарија.
Во најавата за својата кандидатура навистина убавата Цвета зборува за бугарскиот дух, бугарската историја и бугарските предизвици во иднина.
Текст преполн со заблуди, историски бесмислици и национална патетика од прва категорија, во кој се оди дотаму штт госпоѓата тврди дека бугарското писмо е најстарото во Европа, Бугарите први произведувале злато и полудрагоцени камења, а се повикува и на некој бугарски монах – историчар од пред четири столетија за кого Бугарија е од Охрид до Моравија и дека е лулка на центарот на светот, дека е најстара цивилизација и слично. Бугарскиот дух свети, да го следиме духот, Бугарија живее низ духот, повикува Цвета Кирилова.
Нам преку границата ова писание не може да ни предизвика ништо друго освен иронична насмевка и благо сожалување кое обично оди со познатата констатација: Ах, бугарска работа!
Не верувам дека Цвета Кирилова има какви било шанси против Румен Радев на претседтелските избори, се сомневам дека воопшто може да добие релевантен број на гласови, но тоа за моево писание не е воопшто важно.
За духот ми е муабетот.
Сите народи, а потоа и сите современи нации имаат неопходна, незадржлива потреба од тој заеднички дух, па колку тој и да нема историска поткрепа. Ако сме искрени историјата на сите народи е само историја на владетелите и нивните најблиски соработници, како и историјата на бунтовниците кои понекогаш успевале да им го заземат местото.
Се разбира тука се и големите научници, уметници и филозофи кои знаеле да му дадат печат на времето во кое живееле, но сите тие се во сенка на оние што господареле со земјата и животите на своите поданици. Нивната историја, нивната слава и нивните успеси се духот на вековите и духот кој потоа низ приказни, закони и историски читанки живеат како „духот на нацијата“, идентитетот на групата собрана под едно знаме и во извесни, често променливи граници.
Што им значи на Англичаните дека Вилијам Освојувачот всушност е Француз од Нормандија, дека Ричард Лавовско срце не знаел англиски или дека сегашната кралска династија има германска крв во вените? Што ги спојува современите Американци дојдени од сите страни на глобусот со „татковците на нацијата“ кои биле робовладетели и не им се плаќало данок на Британија па решиле да си ги задржат парите отворајќи го патот кон создавање на светската велесила САД?
Наполеон е Корзиканец, Луј Четиринаесетти мислел дека е сонце, Робеспјер бил опседнат со сечење глави на гилотина. Што е тоа важно за денешните Французи? Семејството Романови по смртта на Петар Велики е речиси целосно германско, ама владеело со огромната Руска држава две столетија. Британците се гордеат со својата славна империја и парламент, Американците со својата прва современа демократија, Французите со големите револуции, Русите со џиновската територија и уште поголемата руска душа.
Колку тоа има врска со реалноста и колку тоа има врска со животите на обичниот Британец, Американец, Француз или Русин, како и со сеќавањата за нивните претци крепосни селани, робови или градски пролетери? Ќе се согласите не баш многу. Или можеби токму воопшто. Но, ете, на луѓето им треба сојузување, групирање и чувство за заедништво под една химна и под една бибилија. Или куран сеедно.
Затоа обидот на Цвета Кирилова и не е толку лош, ако го погледнете со бугарски очи. Историските глупости и романтичните желби се каков таков обид да се засили сплотеноста на нацијата која иако е во ЕУ и НАТО, живее сиромашно на маргините на Европа и нема особено силни причини да се гордее со сегашноста. Духот, каков и да е тој дух, им ги полни срцата у душите на Бугарите со надеж, а надежта ги тера да продолжат понатаму да се борат за подобра иднина. Причилчно едноставно нели.
А каде е духот на македонската нација? Каде е духот на современите македонски граѓани? Историјата ни ја земаат како на пазар, митовите ги сотревме малку со сопствени заблуди, малку со туѓа помош. Власта бега од името на сопствената земја, елитата, лажните интелектуалци хистерично врескаат дека е време да се свртиме кон напред, небаре народот е луд и упорно оди назад. Вистината е дека не одиме никаде. Ниту напред ниту назад.
Стоиме во место и чекаме. Платени кретени идеализираат полуписмени трговци-поединци, политиканти, лопови и измамници. Власта не убедува дека многу ни е убаво веќе денес, а за некоја година ќе биде фантастично, само да заборавиме кои сме и што сме. Само да прифатиме уште некој поразителен Договор со соседите, само да ги оставиме да се позајмат уште неколку милијарди долари, само да примиме уште некој бегалец од Азија, само да преживееме уште малку без планска борба против пандемијата, без пожарникари и опрема, без дозвола за излез од државата, без нормално образование, безплати и нови инвестиции, без закони и правила кои важат за сите и конечно без разум и свест.
Во споредба со оваа „понуда“ дури и „духот на Бугарите“ на Цвета Кирилова звучи прекрасно. Подобро е да имате дух, каков и да е, отколку да сте во владение на бездушните. Но како што му вели бугарскиот цајкан на ликот на Владо Јовановски во филмот со баба Зумбула: Вие си знаете!






