Наместо врз основа на актуелниот или новиот закон за лични карти од утре врз основа на подзаконски прописи продолжува печатењето и издавањето лични карти.
Владата денеска го одобри подзаконскиот пропис усогласен со стариот закон за лична карта и со Законот за употреба на јазиците со што прави обид за избегнување на кривична одговорност за министерот Спасовски и другите одговорни во МВР за скандалот со неиздавање на лични карти.
Владата денеска ја одржа редовната 100-та седница со единствена точка на дневен ред на која беше разгледана Информација за надминување на актуелната состојба во врска со издавање на обрасците на новите лични карти.
„Соодветно на информацијата, Владата го задолжи Министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти“, соопштуваат од Владата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека подзаконскиот пропис ќе биде објавен уште во текот на денешниот ден во „Службен весник“, и со тоа ќе се овозможи веднаш да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања.
Со денешната одлука на владата 40.000 граѓани кои чекаат нови лични карти и се соочија со проблеми поради немање на нови лични карти по три месеци пекол ќе ги избегнат личните проблеми пред институциите.
Поврзана вест






