На избори и со истечена лична карта!?

Постои техничка можност граѓаните со истечен рок на лична карта да можат да гласаат на локалните избори на 17 октомври, изјави денеска премиерот Зоран Заев.



Законот за лични карти е блокиран во Собранието со над 1.500 амандмани поднесени од опозицијата, од кои 1.200 се од партијата Левица.

Заев информира дека преку 40 илјади лични карти не се издадени, а се поднесени барања, некои од нив првпат.

„Имајќи предвид дека вака е заглавено ова решение, првата можност е со работа на Парламентот од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти.

Втората работа е Министерството за правда, заедно со другите надлежни ресори, да работат како да изнајдат начин, со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа, затоа што граѓаните може да гласаат и со лична карта и со пасош. Но, сите немаат пасоши“, изјави Заев.

Тој изрази уверување дека за да се заокружи правото на граѓаните да гласаат ќе се изнајде решение, затоа што, како што рече, во пракса и во минатото со истечена лична карта заради неможноста да се издаде лична карта или од распишувањето на изборите кога е истечена личната карта, се даваше можност да можете и со истечен рок на важење на ваквите лични документи да се гласа.