Авганистан ги враќа шеријатските закони

Авганистан сигурно нема да биде демократска држава и ќе биде управувана со шеријатските закони, изјави високиот портпарол на Талибанците, Вахидула Хашими, цитиран од Ројтерс.



Тој рече дека новата структура на власт ќе потсетува на онаа со која талибанците владееја во периодот 1996-2001 година.

„Нема да има демократски систем бидејќи нема основа за тоа во нашата земја. Ние дури и нема да разговараме за кој било политички систем во Авганистан, бидејќи е јасно дека ова е шеријатски закон”.

За улогата на жените во Авганистан, вклучително и за нивното право на работа и образование и начинот на облекување, ќе одлучи Високиот исламски академски совет, вели Хашими.

„Тие ќе одлучат дали жените треба да носат хиџаб, бурка, само превез или нешто слично“, рече Хашими.

Според него, населението во Авганистан е 99,99 проценти муслимани и дека веруваат во исламот „и кога верувате во законите, тие дефинитивно треба да се применуваат. Имаме совет и тие ќе одлучат што ќе правиме “.