Сѐ уште неизвесно кога во Македонија ќе пристигнат 190 цивили од Авганистан – жени и деца на вработени лица во хуманитарни организации, новинарски и други невладини здруженија – кои треба да бидат привремено згрижени.
Првично треба да бидат преземени шест жени и деца на вработени од мисијата на ОН во Авганистан. Овие цивили ќе бидат сместени во Македонија со ограничен временски период, сѐ до обезбедувањето на нивниот трансфер до САД или до трети земји, велат од Владата на Македонија.
„Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави“, соопшти Владата на Македонија и додава дека на наредните владини седници ќе се разговара и за следните чекори што би ги презела земјата, а во насока на хуманитарната мисија за спасување на локалното население од Авганистан.






