Одлуката за влез во кафулиња, кафеани и ресторани само на вакцинирани граѓани е неприменлива и неспроведлива за угостителите. Од една страна со новите рестриктивни мерки се врши удар врз македонските граѓани, бидејќи се ограничуваат нивните права за слобода на движење кој се загарантирани со Устав, а од друга страна се комплицира работењето на угостителските објекти, велат угостителите, пишува „Вечер“.
Тие не знаат како од 16 август, откога ќе стапат на сила новите рестриктивни мерки ќе ги проверуваат гостите дали се вакцинирани или не, бидејќи немаат право на тоа.
„За да можат редарските служби во угостителските објекти да вршат идентификација на гостите дали се вакцинирани или не, потребно е да се сменат повеќе законски регулативи со кој ќе се пренесе тоа службено овластување кое во моментов го имаат вработените во МВР и докторите.
Ниту инспекторите, ниту редарите, ниту угостителите немаат право да побараат лична идентификација без да го нарушат Законот за лична идентификација. Угостителите не се чувствуваат загрозени, ова е удар врз македонските граѓани бидејќи се ограничуваат нивните права за слобода на движење кој се загарантирани со Устав, вели за весникот ВЕЧЕР, претседателот на НУК“, Здравко Јосифовски, објави „Вечер“







