Аналитичарите проценуваат дека тајниот договор меѓу ДУИ и СДСМ за нивна меѓусебна поддршка со гласови во одредени општини, води кон насочување на албанските гласови кон другите партии, се вели во анализата на Алсат М.
Според нив, не е праведно што на Албанците кои на парламентарните избори во декември гласаа за СДСМ токму поради револтот кон ДУИ, сега да им се наметнува повторно да гласаат за истиот субјект.
Во изјава за телевизијата Јове Кекеновски оценува дека тајниот договор кој може да постои меѓу нив, треба да биде објавен пред електоратот.
Исмет Рамадани пак, смета дека двете партии се неправедни кон нивниот електорат. Според него, ДУИ и СДСМ треба да ги разјаснат своите позиции и оти социјалдемократите треба да го имаат во предвид револтот на албанскиот електорат.
„Гласачите кои се определија за СДСМ на изборите, всушност беа протестен глас против ДУИ. Факт е дека во политиката има и лицемерие. Истиот субјект кој го обвинуваше СДСМ дека се меша во блокот албански гласови, сега постои, како што се вели договор, за да ги бара гласовите на СДСМ за да победи во една општина како што е Чаир”,вели aналитичарот Рамадани.
Коалициските партнери СДСМ и ДУИ не признаваат дека има договор за соработка меѓу нив за одредени општини и за Град Скопје. Иако партијата на Зоран Заев не изнесе кандидати во општините со албанско мнозинство кои досега ги раководеа кадри на ДУИ, како Тетово, Гостивар, Чаир и Кичево, тие не признаваат дека тоа е резултат на некој договор, туку само затоа што, како што велат, таква била реалната состојба. Врз основа на парламентарните избори на 11 декември, дел од албанскиот електорат премина од ДУИ во СДСМ, а дел од експертите ова го оценија како гласање кое произлегува од револтот и губењето на довербата во партијата на Ахмети, се вели во анализата на Алсат М.





