Избезумените луѓе во северните преградија на Атина беа повикани да ги евакуираат своите домови додека стотици пожарникари со авиони за испуштање вода се борат да ги спречат масивните пожари, поттикнати од силните ветрови, четврти ден по ред.
Во меѓувреме, 38-годишен волонтер почина вчера, откако електричен столб падна врз него во Ипократеос Политија, северно од Атина, јави Катимерини.
Шест области во Грција се ставени во состојба на готовност, бидејќи неконтролираните пожари се проширија низ целата земја.
Премиерот на Грција рече дека топлотниот бран ја претвори земјата во буре барут.
Пожарникарите се борат со 154 пожари низ целата земја,јавува Би-би-си.
Превентивно, на илјадници луѓе им беше наредено да ги напуштат своите домови во околината на Атина, каде што изгореа шуми, домови, возила и бизниси.
Втората жртва на пожарот е претседателот на Стопанската комора на Атина, Константинос Михалос, кој бил пронајден мртов во фабрика во чија близина беснееше пожар. Најмалку 20 луѓе се повредени.
„Ова е апокалипса, не знам како поинаку да го опишам“, изјави еден припадник на крајбрежната стража кој учествуваше во евакуацијата на стотици луѓе од островот Евија во близина на Атина.






