Талибанци го убија шефот на владината прес-служба во Кабул

Талибанците го застрелаа шефот на прес-службата на авганистанската влада во џамија во главниот град Кабул, неколку дена по предупредувањето дека високи претставници на администрацијата ќе бидат нивна цел, пренесе АФП.



„За жал, дивите терористи повторно извршија одвратно дело и убија патриот Авганистанец“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Дава Кан Менапал.

Талибанците ја преземаа одговорноста за убиството, а портпаролот Забихула Муџахид за медиумите изјави дека „тој е убиен во специјален напад на муџахедините“.

Борбите во долготрајниот конфликт во Авганистан се интензивираа од мај, кога странските сили ја започнаа последната фаза од повлекувањето на земјата, која треба да заврши подоцна овој месец.

Исламистичките екстремисти предупредија во средата за нови напади врз лидерите на авганистанската влада, еден ден откако министерот за одбрана избегна обид за убиство.