Тетово го зафати нов бран на заразени со коронавирус. Има 26 хоспитализирани, од кои 25 се на кислород. Од нив, четворица примиле една доза, а еден пациент ги примил двете дози вакцина, но неговата здравствена состојба е влошена, вели координаторот на Ковид-центарот во Тетово, Гзим Нуредини, за ТВ 21.



Нуредини смета дека непочитувањето на мерките, семејните прослави, но и доаѓањето на печалбарите се фактори кои придонеле во Тетово повторно да се прошири вирусот.

„Главниот фактор е што граѓаните мислат дека ако времето е убаво пандемијата завршила. Не носат маски, не држат дистанца, се групираат, се прават свадби, прослави каде еден заразен може да ги зарази и останатите. Во болницата имаме и пациенти кои пристигнале од странство, имаме и увезени со корона, и кластери… Сите комбинации ги имаме, од секаков вид, иако немаме информации дали станува збор за делта сојот“, вели Нуредини.

Само вчера во тетовската болница се пријавиле 64 пациенти, а вкупниот број на заразени е 229.